За нас
ДМУЦ „СЕРГЕЈ МИХАЈЛОВ“ – ШТИП
Историјат на училиштето
За основањето на Музичкото училиште во Штип најзаслужен е музичкиот педагог, композитор, режисер, аранжер, Сергеј Михајлов, кој поради општествено-политичките бранувања по Октомвриската револуција во Русија, наоѓа свое прибежиште, токму во Штип. Со неговото доаѓање во 1923 година започнува неговата мисија, со крајна цел, создавање на идни музички педагози, трудбеници и општественици. Неговиот творечки дух, извонредна креативност, резултираат со формирање на Нижото музичко училиште во 1946 година, кое следната година се именува во Основно музичко училиште. Сергеј Михајлов од тој период создава идеална почва од која ќе се рассадуваат идните таленти од постоечките гудачки и дувачки инструменти и одделот по пијано.
Официјално, од 2 јануари 1946 год. во присуство на ополномоштениот пратеник од Министерството за просвета на НРМ, Аспарух Х. Николов во бараката на Гимназијата започнува наставата во Основното музичко училиште. Задоволувајќи ја оправданоста од постигнатите резултати, Основното музичко училиште во 1961 година прераснува во Средно музичко училиште.
Првата генерација ученици ги изучувале инструментите пијано, виолина, флејта, кларинет, труба, хорна, а во следните години се воведени и инструментите контрабас, обоа и фагот, така што и денес во Основното и во Средното музичко училиште се изучуваат сите инструменти кои треба да се застапени во училиштата од ваков тип. Уште по првите 25 дена од отворањето на Музичкото училиште бил изведен концертот за учениците од Музичкото училиште, а на 21.6.1974 год. бил изведен првиот јавен настап на учениците пред граѓаните од Штип со хорски и инструментални точки. Оттогаш па до денес, хорот, оркестрите и соло изведувачите постојано се присутни во културниот живот како на градот Штип, така и ширум Републикава, настапувајќи на разни свечености, јубилеи и значајни празници и настани.
За проверување на работата и знаењета на учениците се вршеле полугодишни и годишни контролни испити (овие контролни испити и денес се спроведуваат во училиштето). Постепено училиштето се опремувало со инструменти од средствата од Министерството за просвета на НРМ и од Градскиот народен одбор, кој доделувал редовен годишен буџет уште од првата година од неговото формирање, но во целост не ги задоволувал реалните потреби. Од 1971 год. училиштето е финансирано од Републичката заедница за култура и образование, а од 1973 год. до денес, тоа се финансира од Министерството за образование и наука на Република Македонија.
Во чест на целиот творечки и музички труд што Сергеј Михајлов го вложил во училиштето и ја издигнал музичката култура на градот Штип во Македонија и пошироко, од 30.3.2006 година нашето училиште со гордост го носи неговото име: Државен музички училишен центар „Сергеј Михајлов“.
Профил на училиштето (локација, структура, организација и просторни услови)
Локацијата на училиштето е на неколку километри под Исарот, во централното градско подрачје. Неговата местоположба е од клучна позитивна страна на училиштето. Во состав на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, постои Основно и Средно музичко училиште.
Во Основното музичко училиште се изведува настава од подготвително до деветто одделение. Со реформирањето на образовниот систем, односно со воведувањето на деветгодишното образование, извршена е адаптација и на основното музичко образование. За учениците кои посетуваат настава по инструментите пијано и виолина, наставата се одвива во временски интервал од девет години, вклопувајќи се во концепцијата за деветгодишно образование, додека учениците, кои посетуваат настава по инструментите флејта, гитара, кларинет, хармоника, труба наставата се одвива во временски интервал од шест години. За сите ученици од Основното музичко училиште задолжително е подготвителното одделение и посетата на хор.
Во Средното музичко училиште се образуваат ученици во два образовни профили: Музичар изведувач и Музичар теоретичар. Профилот Музичар изведувач го сочинуваат три оддели: оддел за пијано, оддел за жичени инструменти и оддел за дувачки инструменти, хармоника и соло пејачи.
Во одделот за жичени инструменти, учениците ги изучуваат следниве инструменти: виолина, виолончело, контрабас и гитара.
Во одделот за дувачки инструменти учениците ги изучуваат следниве инструменти: труба, флејта, саксофон, хорна, фагот, тромбон, кларинет, туба, хармоника, удирачки инструменти и соло пеење.
Учениците од профилот Музичар теоретичар, покрај изучувањето на задолжителниот инструмент пијано, изучуваат и други теоретски предмети, Во овој оддел спаѓаат и учениците, кои посетуваат настава по изборниот предмет народни инструменти. Покрај тоа што учениците традиционалните народни инструменти ги бираат како поединечни, училиштето располага и со ансамбли од коишто ансамблите со традиционалните народни инструменти се најпопуларни и нè приближуваат до нашите етно корени.
Сите ученици од Средното музичко училиште задолжително посетуваат настава по предметите хор и оркестар. Ансамблите, хорот, оркестарот и соло изведувачите се постојано присутни во културниот живот на градот, настапувајќи на разни свечености, јубилеи и значајни празници и настани.
Сите оддели имаат свои координатори, кои ја следат и ја координираат наставата од страна на сите наставници. Наставата се одвива според наставни планови и програми, одобрени од страна на МОН и Бирото за развој на образованието на Р. Македонија.
Воспитно-образовната дејност во училиштето се одвива во една училишна зграда со 8 училници за групна настава и 20 кабинети за индивидуална настава, училиштен двор од 450м2, канцеларија за наставници, концертна сала, кабинети и други помошни простории.
Училиштето располага и со библиотека, која покрај задолжителните лектирни изданија им нуди на учениците и стручна литература без која не можат да го оформат своето школување.
Мисија и визија на училиштето
Музиката, како еден од најбитните сегменти во развојот на цивилизираниот и културниот растеж на еден народ е примарна уметност, која преку едукативна мисија се става во служба на народот. ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ е музичко – педагошка институција, која има за цел да создава музички образовен кадар, кој ќе ја продолжи мисијата во развојот на свеста и културолошкото издигнување од поширока димензија. Мисијата е битен елемент во програмскиот процес на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“. Наставниците преку разни форми на педагошка работа се конструктивни, креативни, со правилен пристап на анимирање на стручната литература, со цел да ја разбудат свеста на учениците и интересот и љубовта спрема музичката уметност, која овозможува едукативниот процес да биде ефективен и учениците да маневрираат во музичкиот простор, со знаења, кои ќе можат да ги презентираат преку семинари, јавни часови, концерти, трибини итн.
Мисијата како главен двигател на сите механизми за нормално одвивање на воспитно – образовниот процес во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, има јасна концепција. Ја реализираат стручни наставници, кои се максимално подготвени, нивните работни задачи ги реализираат професионално, а тоа се рефлектира преку стекнатите знаења од страна на учениците – практично применувајќи ги преку свирење, компонирање, креирање на музички формални целини и преку хорски настапи. Овој добиен продукт се презентира пред јавноста, преку мултимедијални гласила кои овозможуваат уште поголем авторитет, публицитет и интерес за музичкото образование.
Визијата на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ е составен дел од планирањето на развојот на училиштето. Поставена на реални основи, нашата визија претставува јасна проекција за иднината која треба да биде подобра од актуелната состојба.
Во поширока смисла на зборот, нашата визија како свој приоритет ги има учениците, младите – оние на кои светот останува и подобрувањето на квалитетот на нивниот живот како наша стратешка определба што всушност, е визија на секое општество.
Во потесна смисла, од аспект на воспитно – образовната организација на училиштето, наша приоритетна цел е организација на воспитно-образвовната работа согласно новонастанатите општествени услови. Со втемелувањето на демократските принципи, со појавата на брзи општествени промени и експанзија на информации, соочени сме со проблемот како најдобро да ги подготвиме и оспособиме нашите ученици за да стекнат квалитетно знаење и вештини и како понатаму да ги искористат за еден побогат, поуспешен и поквалитетен живот. За таа цел заеднички дејствуваат сите субјекти во воспитно – образовната работа: директорот, наставниот кадар, педагогот, родителите и учениците, преку споделување, планирање и реализација на своите идеи, планови, желби, соништа.
Очекувањата дека нашата визија е реална веќе се потврдуваат: Направената реорганизација на наставниот кадар по стручни активи со кои раководат координатори на оддели се покажа како мошне целисходна, бидејќи секој координатор има увид во состојбите на конкретниот оддел и согласно тоа се преземаат конкретни активности. Наставниците поминаа низ обуки за професионален развој за примена на нови наставни техники и за компјутеризација во образованието.
Настапи, награди и признанија на учениците и наставниците
Настапите на учениците на јавни манифестации се обврска, но и можност и начин за афирмација на училиштето и на самите нив. Се приредуваат разни јавни настапи за учениците и за родителите на учениците, потоа традиционалниот Новогодишен концерт, настапи на прослави, јубилеи, академии што се организираат во градот под Исарот. Важно е да се спомене дека со голема љубов и на високо ниво го подготвуваме нашиот Новогодишен концерт, со нашиот симфониски оркестар и хорот кој брои над 200 ученици, а со посетеност од над 800 гости секоја година, овој концерт станува традиција за нашето училиште и нашиот град. Во учебната 2018-2019 година за првпат се одржа и Велигденски концерт, за кој исто така со голем ентузијазам ќе се подготвуваме и ќе се трудиме да прерасне во традиција за нашиот град. На барање на останатите градови од Источна Македонија, па и пошироко, постојано одржуваме концерти со оркестарот и хорот, на кои мошне успешно се претставуваат нашите ученици од Основното и Средното училиште.
Во месец мај, односно на крајот на секоја учебна година се одржуваат завршните концерти по оддели во уметничката галерија „Безистен“ во нашиот град, каде што нашите ученици ги покажуваат своите резултати од напорната и макотрпна работа на полето на музиката заедно со своите наставници. Овие концерти се достапни и може да ги проследат сите граѓани на градот Штип.
Од голема важност е и нашата постојана организација и учество на разните хуманитерни акции во градот Штип, на кои со насобраните материјални средства несебично се трудиме да помогнеме за спасување на нечиј млад живот или да имаме свое финансиско учество во која било сфера или дејствување во градот или пошироко.
Неизоставен дел од секоја учебна година се и бројните натпревари на кои учествуваат нашите ученици и наставници и наградите што ги освојуваат како поттик за понатамошна работа, активности и остварување успеси на полето на музиката. Како резултат на напорната работа, посветеноста и пожртвуваноста, нашите ученици и наставници успешно се враќаат од натпреварите со околу 200 награди и признанија на годишно ниво.